Металург ќе спарингува со Војводина и Нексе во Стара Пазова

Ракометарите на Металург денес почнаа со реализирање на третата и завршна фаза од подготовките за продолжување на сезоната во домашното првенство и Купот на Македонија.

Финалните корекции во техничко-тактички дел од играта, Металург ќе ги одработи во Стара Пазова (од 17 до 22 февруари), каде што, покрај тренинзите, избраниците на тренерот Зоран Кастратовиќ ќе одиграат и два пријателски дуела со српскиот првак Војводина (18 февруари) и хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице (20 февруари).

Според календарот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), продолжението од сезоната во домашното првенство е предвидено за први март, така што во мечот од 15. коло, ракометарите од Автокоманда ќе ѝ гостуваат на Струга.

Металург ја има улогата на лидер на табелата со 38 бода, со 12 победи и две реми средби во есенскиот дел.