Металург Јуниор и Струга ја продолжуваат борбата за бараж

Тимовите на Струга и Металург Јуниор забележаа убедливи победи во 23. коло од Првата ракометна лига и ја продолжуваат борбата за второто место на табелата, односно борбата за бараж со последната екипа во плеј-аутот.

Металург Јуниор на домашен терен го победи Спартак со 32-23. По првиот дел домашните обезбедија 13-9, а во вториот дел Спартак сè што успеа да направи е тоа што во еден момент стигна до - 3, но немаше сили за враќање во мечот, па се помири со пораз од 32-23.

Најдобри стрелци кај победникот беа Новаковиќ, Крстевски и Симоноски со по шест голови, додека кај Спартак се истакна Манев со девет. 

Струга на домашен терен беше подобра од Вардар Неготино со 39-31. Само на почетокот беше 1-1, потоа домашните си фатија ред и до крајот на полувремето стигнаа до 19-10, а во вториот само ја одржаа до конечни 39-31.

Најдобри стрелци кај Струга беа Ѓоршоски со седум погодоци, а Башевски и Крстаноски дадоа по шест голови. Во тимот на Вардар Неготино најефикасни беа Стаменов со девет и Трајковски и Кузманов, кои постигнаа по шест голови.