Металург ја започнува серијата гостувања во СЕХА кај Стеауа

Македонскиот вицепрвак Металург ќе гостува во Романија кај екипата на Стеауа во рамки од 17. коло од регионалната СЕХА лига.

Младите ракометари предводени од Данило Брестовац ќе играат за одмазда за минималниот проаз на домашен терен. На тој меч романскиот претставник пристигна во Скопје со само осум ракометари, но успеа да ја оствари целта и да си замине дома со бодовите. Овој факт дополнително го отежнува предизвикот за металурзите кои денес ќе мора да се надигруваат со комплетниот состав предводен од Овидиу Михаила.

Претходниот меч за македонската екипа во ова натпреварување донесе пораз од ППД Загреб на домашен терен кој ја зацврсти во долниот дел од табелата. 

Денешната средба ќе биде почеток на серијата гостувања на Металург во регионалната лига. Ракометарите на Брестовац имаат густ распоред кој им носи четири меча во 16 дена. Сите четири ќе бидат надвор од Македонија, а следниот меч пред својата публика ќе го одиграат на 12 март, кога во нашата земја ќе гостува Војводина.

Мечот меѓу Стеауа и Металург се игра денес со почеток од 17:15 часот.