• Мартин Танасковски

Познати се уште два патници во следната фаза од Купот на Македонија, тоа се екипите на Бутел Скопје од Суперлигата и екипата на Аеродром од Првата лига.
Бутел Скопје славеше во мечот против Металург (39-23), а до победата дојде во второто полувреме. Тимот од Автокоманда се носеше едно полувреме со далеку поквалитетниот ривал, на паузата беше 14-14.
Најдобар кај Бутел беше Дамјан Субашевски со шест гола, исто колку што даде и Тодор Узунчев, додека кај Металург, Филип Петровски имаше симултанка со 12 постигнати гола, осум од нив беа во првиот дел.
Аеродром во најнеизвесниот меч во денот славеше над Македонија Ѓорче Петров со 29-28 (14-9). Иако домашните во СЦ „Јане Сандански“ имаа плус од пет гола на паузата, Македонија ЃП се враќаше чекор по чекор, а во финишот израмни на 28-28. Сепак, мечот се реши со голот на Андреј Ниновски.
Токму Ниновски беше најефикасен кај победникот со седум гола, а Ќурчиев и Зафировски имаа по четири, додека кај „лавовите“ од Ѓорче, Бојан Чакалиќ погоди пет пати.