• Мартин Танасковски

Екипите на ЖРК Ѓорче Петров и ЖРК Металург Автокоманда останаа со максимален учинок во плеј-офот на домашната сцена, откако со победи ја отворија новата календарска година во шампионатот кај дамите.
Актуелниот првак ЖРК Ѓорче Петров сигурно ја доби градската пресметка со ЖРК Вардар (36-20). По првото полувреме резултатот гласеше 16-7 за фаворитот. Ивана Дежиќ беше прво име со девет гола, исто колку што даде и Камара Мацире, додека кај вардарки, Леона Миленковска погоди девет пати.
ЖРК Металург Автокоманда славеше на гостувањето кај ЖРК Куманово со резултат 22-18 (14-11). Прва кај стрелците беше Марија Јанкуловска со шест гола, а Михаела Кралева и Јана Ѓошевска дадоа по четири гола, додека кај Куманово, Сузана Зечевиќ имаше девет реализации.
Во третиот денешен дуел, ЖРК Чаир дојде до убедлив триумф кај ЖРК Астибо (39-24). На штипјанки не им помогна десетката на Марија Анчева, а кај Чаир, Стефанија Ѓеоргиевска имаше осум, а Теодора Дукоска и Габриела Величковска погодија по шест пати.
По три кола во плеј-офот, ЖРК Ѓорче Петров и ЖРК Металург Автокоманда се со три победи, пред ЖРК Чаир со две победи и еден пораз, а потоа следат ЖРК Куманово и ЖРК Вардар со една нерешена и два порази, додека ЖРК Астибо нема бодови.