Металург го врати Петров, го задржа и Дупјачанец

Екипата на Металург продолжи да го формира ростерот за следната сезона и донесе едно засилување, но и го задржа најискусниот играч.

Нов играч на тимот од Автокоманда е кружниот напаѓач Костадин Петров. 29-годишниот велешанец се враќа во Македонија по неколку години во странство. Минатата сезона ја мина во ЦСУ Сучеава во Романија, а претходно од 2019 година играше за шпанска Гвадалахара.

На домашната сцена Петров веќе еднаш беше член на Металург, а играше и за Пелистер, Радовиш, Драчево, Куманово... Договорот меѓу Металург и Петров е на две години.

Исто така соработката ја обнови и голманот Даниел Дупјачанец. Чуварот на мрежата кој има 37 години и веќе подолго време го носи овој дрес, ќе остане во Металург и во наредните две сезони.

Македонскиот тим се подготвува за настап во Европската лига на ЕХФ, а амбициите се да се влезе и да се мине во групната фаза.