• Мартин Танасковски
Екипата на Скопје 2020 е последниот патник во групната фаза од ракометниот Куп на Македонија, откако во елиминациската рунда славеше над Металург РА (29-28) во меч кој се одигра во салата „Автокоманда“.
Прволигашот даде голем отпор и покажа заби, па така Скопје се препоти за да се пласира во следната рунда. Дуелот од првата Куп-фаза беше крајно израмнет, а прашањето за победникот се реши во финишот, кога од 27-27, Пешкирски и Чакалиќ врзаа два гола за 29-27.
Најдобар стрелец кај Скопје беше Чакалиќ со 10 гола, додека кај Металург, Петровски заврши со 11 гола, а Крстески имаше пет гола.
По овој натпревар познати се сите патници во групната фаза од Купот на Македонија. Во групната фаза место обезбедија и Охрид, Вардар Неготино, Пролет, Прилеп, Куманово, Струга, Голден Арт, Бутел Скопје, Алкалоид, Тиквеш, Еурофарм Пелистер, Еурофарм Пелистер 2, Радовиш и Мулти Есенс.