Металург доцна се разбуди и ја загуби драмата со Сплит во Европскиот Куп

Ракометарките на Металург забележаа минимален пораз во реваншот од второто коло Европскиот Куп на ЕХФ од Сплит и ги заврши настапите на меѓународна сцена оваа сезона. По ремито во првата пресметка, вечерва гостите од Хрватска славеа со 25-26 (11-17).

Македонскиот тим кој на домашната сцена оваа година е на лидерското место одново одигра натпревар со осцилации, но исто како и во Сплит на првото соочување покажа голема борба. 
Ракометарките од Автокоманда разочарувачки лошо го отворија натпреварот пред домашната публика. Сплит ги казнуваше сите грешки на домаќинот и изгради висока предност на полувреме. 
На пауза се замина со шест гола предност за гостите (11-17), но во вториот дел го видовме вистинскиот квалитет на македонскиот претставник. Металург конечно заигра како што најдобро знае, полека ја топеше предноста и закажа неизвесна завршница. Во последната минута од натпреварот се влезе со само еден гол предност за гостите од Сплит и напад за македонскиот тим. Но, Божиновска не реализира од седум метри и Металург несреќно го заврши настапот на меѓународна сцена оваа сезона.

Ива Божиновска со девет и Ана Марија Коларвска со седум гола беа најдобри ракометарки во таборот на Металург, додека за победничкиот тим на врвот беше Ерцеговиќ со седум гола.