Металург добива огромно засилување: Ракчевиќ по пет години се враќа „дома”

Црногорскиот интернационалец Младен Ракчевиќ по пет години ќе се врати во Металург, каде што помина три одлични сезони. Како што најави Gol.mk уште пред месец дена, кружниот напаѓач брзо се договори со раководството на тимот од Автокоманда.

Поранешниот репрезентативец на Црна Гора последните четири сезони ги помина во романската Доброгеа Суд Костанца, додека претходно една година беше член на грчкиот АЕК. Со успех го носеше дресот на Вардар, а играше и за Ловќен и Колубара.

Покрај Ракчевиќ, Металург го ангажираше и најдобриот кружен напаѓач на младинското Европско првенство минатата година, Адријан Миличевиќ, кој доаѓа од Пореч. Тука се и македонските младински репрезентативци Милан Лазаревски и Филип Арсеновски.

Металург претстојната сезона ќе игра во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата, а останува уште да се реши ситуацијата со Халил Јагањац, кој е веќе „виден” во ППД Загреб кај поранешниот тренер на тимот од Автокоманда, Лино Червар.