Металург до втор триумф во два дена, лесно го „улови“ Тиквеш

Металург ја извојува втората победа во два дена и на домашен терен во „Автокоманда“ славеше над Тиквеш (36-24), повратник во македонската ракометна елита.

  • Комплетниот натпревар на Металург и Тиквеш:

Овој натпревар требаше да се игра во рамки на шестото коло, но поради европските обврски на Металург истиот беше поместен. Металург не виде мака, исто како и на вчерашниот натпревар против Прилеп и во два дена професионално си ја заврши работата.

Тиквеш тргна со два гола во низа, но тоа беше се што направи составот на Томе Петрески на оваа средба кога се работи за отпорот. Металург брзо влезе во ритам, го сврте мечот и поведе со 5-3, потоа имаше и предност од 10-7, благодарение на расположениот Мице Шилегов кој блескаше во воведните 20 минути.

Фаворитот на хартија беше доста ефикасен, па до крајот на првиот дел постигна дури 21 гол во мрежата на гостинот (21-13). Иако комбиниран, затоа што Кастратовиќ штедеше сили за да избегне нескаани повреди пред дуелот од Европската лига на ЕХФ, Металург во ниту еден наврат не дозволи Тиквеш да му се приближи. Водството константно растеше, едно време беше и 13 гола (30-17), а до финишот кавадарчани само намалија, но и покрај тоа не го избегнаа високиот пораз.

Најдобар кај победникот беше Мице Шилегов со девет гола, а Кондев, Рниќ и Потиќ имаа по четири, додека кај Тиквеш најмногу се истакнаа Колоски и Јанчев со по пет постигнати гола. Металург има максимален учинок во новата сезона, тоа се три победи на три меча, а Тиквеш го доживеа вториот пораз.