• Мартин Танасковски
Екипата на Металург Автокоманда несреќно ремизираше со ЖРК Сплит (24-24) во рамки на првиот натпревар од новото коло во Европскиот Куп на ЕХФ и на домашно тло ќе игра за место во следната фаза.
Македонскиот тим кој на домашната сцена оваа година е на лидерското место одигра натпревар со осцилации, но покажа голема борба. На полувремето, тимот од Автокоманда имаше предност од еден гол (12-13), а потоа во вториот дел, иако замина на плус од три гола, следеше драма.
На влезот во последните пет минути, беше 22-23 за Металург. Сплит израмни преку Ковиќ, а на спротивната страна погоди Миновска за враќање на предноста на македонскиот тим. Следеа два нереализирани напади, а во последната секунда Фраделиќ донесе израмнување.
Анамарија Коларовска беше најдобра кај Металург со осум гола, пред Миновска и Божиновска со по три постигнати гола, додека кај Сплит, Ана Фраделиќ заврши со десет постигнати гола. Реваншот меѓу Металург Автокоманда и Сплит во Европскиот Куп се игра следната седмица во Скопје.



