• Иван Димовски
Ракометарките на Металург Автокоманда вторпат го победија тимот на Диферданж (24-31) и само го потврдија пласманот во третото коло на Европскиот куп на ЕХФ. Скопскиот фаворит и вториот натпревар го играше пред својата публика, во салата „Автокоманда“, а во реваншот немаше потреба за премногу да се троши. Во вкупниот резултат македонскиот тим беше подобар со 71-49.
Металург отвори одлично, поведе со 0-4 и најави дека одново гледа кон победата. Бргу предноста се зголеми и на 1-7, резултат кој беше највисок во првиот дел. Успеваше ривалот од Луксембург да се враќа на моменти, ама на полувреме се замина со 12-18.
Слично се продолжи и во вториот дел од средбата. Девојките од Скопје на рутина го надиграа ривалот, најмногу поведоа со осум гола и сигурно зачекорија кон победата. На крајот Металург го доби мечот со предност од седум гола разлика.
Во првата рунда на ЕХФ купот елиминирани беа Чаир и Куманово, додека Металург Автокоманда заедно со шампионот Ѓорче Петров продолжува понатаму.


