• Зоран Мишевски

Лионел Меси пак ги „извади жешките костени“ и го спаси ПСЖ во домашното првенство. Тимот на Кристоф Галтие со пресвсрт го совлада Тулуз со 2-1 (1-1) и побегна осум бода пред Олимпик Марсеј на врвот, во очекување на утрешното дерби на екипите од Азурниот брег.
- Извештај од натпреварот:
Без повредените Рамос, Мбапе и Нејмар, „светците“ одиграа лошо прво и солидно второ полувреме и тоа беше доволно за победа против променливиот и дефанзивен Тулуз. За волја на вистината во првиот дел госгите поведоа со голот на Бранко Ван ден Бомен од слободен удар во 20, минута, а неколку минути подоцна постигнаа и втор погодок, кој оправдано беше поништен заради недозволена позиција, Пред крајот на првиот дел Хакими со прекрасен гол со левата нога израмни на 1-1 и ги врати надежите на домашниот тим.
Во второто полувреме работите на теренот се сменија, ПСЖ загосподари и редеше шанси пред голот на Дупе. Како резултат на тоа, Лионел Меси во 58. минута го постигна победоносниот погодок, со реакција во негов стил, по удар со левата нога од работ на казнениот простор. Младиот Исмаел Гнабре и Заире Емери добија шанса во финишот, со што продолжија тенденцијата на Галтие да им дава шанса на продуктите на школата на клубот. Од првата минута започна и остави одличен впечаток Екитике.
Вечерва уште играат Троа - Лион и дерби дуелот од 22. коло меѓу Рен и Лил.