Прва победа на Мешков во групата на Вардар, Флензбург декласиран во Украина

Ракометарите на Елверум испуштија голема можност да им се вратат на победите во Лигата на шампионите и пред својата публика доживеаја пораз од „фенерџијата“ во групата А, Мешков Брест, со резултат 32-33 (15-17).

Норвешкиот шампион по двата врзани порази од Монпелје, немаше право на нов неуспех, но не ја оправда улогата на фаворит и дозволи белорускиот тим да го впише првиот триумф во Лигата на шампионите оваа сезона. Мешков прикажа одличен ракомет и уште од самиот старт „му покажа заби“ на домаќинот и ја имаше контролата врз резултатот. На полувреме гостинот замина со позитива од два гола, но Елверум уште на стартот од вториот дел успеа да ја анулира и го презеде водството, но во самиот финиш ракометарите од Белорусија беа поконцентрирани и со 32-33 ѝ се радуваат на првата победа оваа сезона. 

Микита Ваипулау имаше фантастичен натпревар на норвешкиот паркет и со осум гола беше прв стрелец во редовите на Мешков Брест, додека кај домашниот тим ист број на голови постигна Грондал.

Во групата Б ракометарите на Мотор Запорожје го оставија зад себе високиот пораз од Веспрем во претходното коло и приредија големо изненадување, откако на свој паркет го совладаа германскиот гигант Флензбург со убедливи 31-22.

Прва ѕвезда во редовите на украинскиот шампион беше Маласинскас со девет гола, а него го следеа Денисов и Пухоски со по четири погодоци. Кај германскиот тим прв стрелец беше Јакобсен со осум гола.