Мешков држи победнички чекор во СЕХА, но пеколот допрва следи

Екипата на Мешков Брест забележа нова победа во ракометната СЕХА-лига и на домашен терен славеше над Стеауа (35-21), со што направи три бода позитива во однос на ривалот за Ф4, Татран Прешов.

Белорускиот тим дојде до посакувани бодови пред својата публика против Стеауа која игра катастрофално во регионалното натпреварување. Во победничкиот табор Ѓорѓиќ, Обрановиќ, Баранау и Јуринок дадоа по четири гола, а кај романскиот тим Милошевиќ, Флореа и Вегар постигнаа по четири.

За Мешков Брест вистинските предизвици во СЕХА допрва доаѓаат. До крајот на натпреварувањето има уште четири натпревари, а битката за четвртото место кое води на Ф4 ќе биде пеколна.

Според распоредот, Татран Прешов е во блага предност, иако има три бода помалку. Словачкиот тим во чиј тим е Никола Костески го чекаат три меча по ред со Извиѓач, Железничар и Металург на домашен терен, а последен дуел е ППД Загреб.

Мешков, пак, ќе игра дома со Војводина, а потоа гостува кај Вардар, па дома игра со ППД Загреб, а на крај гостува во Нашице кај Нексе, што значи дека се соочува со три тима кои се на една победа од Ф4.