Мешков Брест го преживеа гостувањето кај Кристијанштад

Ракометарите на белорускиот првак Мешков Брест славеа на тешкото гостување кај шведскиот шампион Кристијанштад со 30-32 во рамките на првото коло од групата на Вардар во Лигата на шампионите. Воопшто не беше лесно да се стигне до триумф за избраниците на Маноло Каденас, но на крајот Мешков Брест со бодови се враќа во Белорусија.

Во првиот дел домашните го диктираа темпото и во неколку наврати водеа и со +4 голови, но сепак на пауза се замина со 16-14. Во второто полувреме работите дојдоа на свое место, поискусниот тим ја презеде контролата и на пет минути до крајот поведе +5, 24-29.

Упорните домаќини успеаја да намалат на -1 на триесетина секунди до крајот 30-31, но последниот напад го имаше Мешков, а беше реализиран од страна на десниот бек Ивиќ за 30-32, со што изостана првото изненадување во Лигата на шампионите. 

Новите засилувања на Мешков Брест, Сандро Обрановиќ и Дарко Ѓукиќ беа најефикасни со по осум погодоци, додека кај Кристијанштад се истакна Хенингсон со седум голови.