Мелсунген падна во Скопје, Вардар со стил се прости од Европа!

Ракометарите на Вардар со стил ја завршија сезоната во Европската лига, земајќи му скалп на бундеслигашот Мелсунген во Скопје со триумф од 32-30 (17-17). Избраниците на Гиљермо Милано добро ја комплетираа европската авантура, со победа над апсолутниот фаворит во групата кој немаше резултатски мотиви во СЦ „Јане Сандански“. 

Тргнаа вардарци со гол на Коиј, а на тоа гостите имаа одговор со три гола во низа (1-3). Тоа беше моментот кога македонските ракометари се консолидираа и заиграа посигурно. Брзо Вардар ја врати предноста (4-3), па следеше нов гол за егал. Сепак, момците на Милано знаеја што сакаат и мотивирани од одличниот Ларс Коиј стекнаа предност која ја бранеа во текот на првиот дел. Холандскиот кружен напаѓач блесна и постигна дури седум погодоци, но Вардар имаше пад во концентрацијата во завршницата на полувремето. Мелсунген спаси неколку клучни напади и со мирна игра стекна минимално водство (15-16). По шест минути без постигнат гол, конечно Крсманчиќ остана заборавен на линијата од шест метри и реализира за 16-16. До полувремето падна уште по еден гол и на пауза се замина со егал (17-17). 

Вториот дел започна со по гол, па следеше дебитантскиот погодок на Мигел Пинто во дресот на Вардар, португалското крило кое се врати од повреда (19-18). Се играше гол за гол, а македонскиот вицепрвак во 43. минута искористи шанса и првпат во вториот дел поведе со два разлика. Маргели изнуди седмерец кој го реализира Младен Крсманчиќ (25-23). Двапати грешеа Германците во низа, во едната ситуација Еспиња фати пенал, ама на спротивната страна Вардар не искористи два напади за „плус три“. Откако Мелсунген по речиси пет минути постигна гол, Милано реши да свика тајм-аут. Се играше целосен егал, Вардар почесто водеше и делуваше посигурно, а ривалот грешеше. Еспиња беше мотиватор, нареди одбрани од кои имаше една двојна на влезот во последните десет минути. Доби македонскиот тим пенал кој Крсманчиќ го претвори во гол за 29-27.

Драмата продолжи, поведе Вардар преки Хориха пак со три разлика, а потоа гостите стигнаа пак на гол дефицит (30-29). Сепак, Еспиња со две одбрани инспирира два брзи гола на Хориха и Петриќ за 32-29. Симиќ со спектакуларна одбрана го идржа надежите на германскиот тим, ама точка стави португалскиот голман на Вардар со нова интервенција. Во последната минута домашните рутински ја завршија задачата за втора победа за крај на групата.

Баруфет Торебехано со десет реализации беше најдобар на паркетот, додека кај Вардар се истакна Ларс Коиј со осум, а Крсманчиќ имаше „шест од шест“. Мора да се истакне и голманот Мигел Еспиња кој собра петнаесет интервенции.

Фото: РК Вардар1961 / Денис Дуковски