Мелсунген на Парондо минимално слави, победа и за Флензбург во ЛЕ

Ракометарите на Мелсунген се радуваа на победа над Бидасоа Ирун од 28-27 во рамките на првиот четвртфинален натпревар од Европската лига на ЕХФ. Германскиот колектив го одбрани домашниот терен, ама само со минимална предност ќе отпатува на гостувањето во Шпанија

Стартот на средбата беше целосно израмнет, а потоа Мелсунген почесто водеше. На полувреме домашните имаа предност од 15-13, а потоа влегоа во лоша серија. Тогаш Бидасоа Ирун врза серија од 1-5 и поведе со максимални четири разлика, па се опушти. Тимот на екс-вардарецот Роберто Гарсија Парондо бркаше негатива до пред крајот на средбата и тогаш успеа да го сврти резултатот и да победи. Со по шест гола најефикасни беа Баруфет и Нието од двата тима. 

Флензбург стигна до гостинска победа во Данска кај екипата на ГОГ Гудме (26-29). Домаќинот парираше и се играше израмнет прв дел, а така беше и во продолжението. Клучниот исчекор до победата Германците го направија со серијата од 0-4 во финишот на средбата.

Прво име во таборот на Флензбург беше Јоргенсен со седум реализации, а по шест гола дадоа Мелер и Јакобсен.