Мело: Ме изненади кога Вардар побара тинејџер како мене!

Македонскиот ракометен клуб Вардар 1961 ќе добие ново име во екипата, затоа што постигна договор со млад лев бек од Португалија. Виктор Мело, играч кој е роден во 2003 година, доаѓа во Скопje за да ја засили бековската линија на „црвено-црните“.

Последниот клуб на доскорешниот младински репрезентативец на Португалија е екипата на Виторија. Во изјава за португалски „О Жого“, тинејџерот истакна дека бил изненаден кога добил понуда од Вардар, кој е голем европски клуб со реноме, а го радува фактот што ќе има шанса да игра европските натпревари.

„Барав проект кој ќе ми дозволи да бидам професионалец и во кој ќе имам шанса да напредувам. Имав понуди од Шпанија, но се појави Вардар и по анализите, не можев да го одбијам. Како тинејџер, бев изненаден што клуб како Вардар со традиција и историја ме побара, но на спротивната страна, сакам кога се случуваат вакви работи затоа што ми даваат мотив и желба секојдневно да се докажувам и да напредувам“, изјави Мело.

Досега, Вардар како нови засилувања ги потврди бекот Стефан Петриќ од Партизан и крилото Марко Срдановиќ, кој доаѓа од Металопластика. Најтрофејниот клуб сезоната ја заврши на третото место во македонскиот шампионат и, ако добие зелено светло од Европската ракометна федерација (ЕХФ), ќе игра во квалификациите за Европската лига.