• Саше Љолес
Ракометарките на Мец се пласираа во финалето од женската Лига на шампиони на ЕХФ, откако во првиот полуфинален натпревар на завршниот турнир славеа со убедливи 32-27 (17-13) над ЦСМ Букурешт.
Француската екипа одигра подобро во двете полувремиња, на паузата имаше четири гола предност (17-13), а потоа минимално го доби и вториот дел, со што сосема заслужено се пласираше во мечот за престижниот трофеј.
Романките на стартот од вториот дел се обидоа да ја намалат предноста, дојдоа на три гола негатива, но потоа „го положија оружјето“ пред мотивираниот Мец, кој имаше и највисоки +8 на четири минути до крајот.
Најдобра поединка на денешниот меч беше Сара Буктит, со максимален учинок (осум гола од осум обиди).
Мец во големото финале ќе се соочи со победникот од второто полуфинале, каде се среќаваат Брест Бретања и унгарскиот Ѓер.




