• Иван Димовски

Ракометарките на Мец се закитија со бронзениот медал на „фајнал-фор“ турнирот во Лигата на шампионките, откако во малото финале славеа против Есбјерг со 26-32 (12-18). Францускиот колектив одигра фуриозен прв дел и ја направи предноста која потоа успеа лесно да ја одбрани.
Дуелот во „МВМ Доме“ во Будимпешта тргна во знак на Мец. Иако Есбјерг прв поведе, следеше одлична серија и Французинките бргу дојдоа до водство од пет гола. Данскиот претставник беше без сили, не успеа да се врати ниту близу до ривалките и на паузаз се замина со 12-18.
Вториот дел спротивно на првиот започна со одлична игра на Есбјерг, кој успеа целосно да се врати во игра. Со серија од 6-2 предноста се „стопи“ и дојде на два гола, меѓутоа тогаш Мец успеа да се разбуди. Француската екипа со добра игра пак ја врати убедливата позитива, дојде и до највисоки +7 и рутински стигна до победата.
Рајштад од Есбјерг го заврши натпреварот со десет погодоци, додека Заади со седум ги предводеше стрелците во Мец, пред Хорачек со пет реализации.
За Мец ова беше прв историски медал во најквалитетното женско натпреварување на Европа.