Матсуока: Алкалоид е најсилен тим оваа сезона, но се надевам на успех!

Ракометарите на Охрид во рамките на 11. коло на Суперлигата ќе го дочекаат Алкалоид. „Гладијаторите“ ќе се обидат да го изненадат досега единствениот непоразен тим во лигата. 

Во пресрет на натпреварот своите очекувања ги изнесе јапонскиот бек Хироки Матсуока. Тој нагласи дека Алкалоид е најсилен во лигата, ама се надева на изненадување.

„Алкалоид во првенството ги доби сите натпревари досега, мислам дека се најсилниот тим оваа сезона. Се разбира дека нема да биде лесно да се победи таков ривал. Сепак, се надевам на наш заеднички успех со навивачите. Со нетрпение го очекувам саботниот меч“, изјави Матсуока.

Натпреварот меѓу Охрид и Алкалоид се игра в сабота во салата „Билјанини Извори“ во терминот од 18:30 часот.