Матлиески: Влез во плеј-офот е желба, ама не е прашање на живот или смрт

Тинекс Пролет по првиот круг е одличен, по девет кола има еден пораз, резултати кои го радуваат тренерот Никола Матлиевски. Младиот предводник истакна дека првиот круг е завршен успешно, но секогаш може подобро.

„Севкупно гледано, морам да бидам задоволен од оствареното во овие први девет натпревари. Треба да се потенцира дека игравме со нешто понамален ростер во однос на минатата сезона, но сепак успеавме да оствариме одлични резултати, да забележиме шест победи и само еден пораз. Генерално, презадоволен сум од пристапот на ракометарите и она што го покажуваат и на тренинзите и на натпреварите. Секогаш се може подобро, верувам дека можеме да напредуваме уште повеќе во одбраната, на што ќе биде ставен акцент во наредниот период“, изјави Матлиески.

Натпреварите од Суперлигата продолжуваат викендов, а целта на Пролет по добриот старт останува иста, тоа е влез во плеј-офот.

„Логично е да се поставува цел пред секоја сезона, таа за нас повторно е иста - влез во плеј-офот. Секако дека ќе сториме се за да го оствариме тоа, но морам да потенцирам дека тоа сепак не е прашање на живот и смрт за нас. Моја лична работа како тренер е да работам најдобро што можам, да овозможам да се развиваме како екипа со секој следен тренинг, на секој следен натпревар. Верувам дека сме на вистински пат, верувам во квалитетите на нашата екипа и очекувам со добри игри во наредниот период да се задржиме меѓу најдобрите четири тимови во Супер-лигата“, дециден е тренерот.

Пролет во следното коло го чека гостување кај Охрид, а дуелот е закажан на 10 ноември од 18:00 часот.