• Саше Љолес
Иако важи за најдобар ракометар во светот и веќе неколку години е без вистинска конкуренција, Матијас Гидсел сè уште не успеал да ја освои европската круна. Втора година по ред, извонредниот Данец со својот Фуксе Берлин го губи финалето во Лигата на шампионите, а овојпат од славната Барселона.
Сепак, како и минатата сезона, Гидсел не си заминува со празни раце. Данскиот десен бек повторно заврши како најдобар стрелец во Лигата на шампионите, а притоа испиша и историско достигнување.
Фантастичниот Данец постигна неверојатни 161 гол во текот на сезоната и постави нов рекорд во елитното европско клупско натпреварување. Со тоа го надмина досегашниот рекорд од 141 погодок, кој го држеше неговиот сонародник Микел Хансен.
Гидсел уште пред завршниот турнир во Келн беше убедливо пред сите конкуренти на листата на стрелци, а потоа на својот голгетерски учинок додаде уште девет погодоци во полуфиналето и осум во финалето против Барселона.
„Тажен сум поради поразот и тоа е единственото чувство што го имам во моментов. Секако, подоцна ќе сфатам каква луда сезона беше оваа - финале во Лигата на шампионите и статус на најдобар стрелец. Но, во овој момент не можам да бидам среќен само поради индивидуалната награда“, изјави Гидсел по поразот од Барса.
И покрај неуспехот во елитното натпреварување, Гидсел одново покажа дека е најдобар ракометар на планетата, но сепак ќе мора да почека за да се закити со круната во континенталните рамки.

