• Горан Упале

Унгарскиот репрезентативец Доминик Мате беше едно од позвучните засилувања во македонскиот ракомет ова лето. Десниот бек пристигна во редовите на ГРК Охрид со желба да ја врати препознатливата форма по неколкуте тешки сезони обележани со проблеми со колената и трите операции.
Поранешниот ракометар на Балатонфуреди, Пари Сен Жермен и Елверум, кој требаше да го засили и Киелце, во Охрид доби нова можност да ја оживее кариерата. Во разговор за „Handball-Planet“, 27-годишниот Унгарец зборуваше за првите месеци во Македонија, соработката со тренерот Борис Ројевиќ и амбициите на „рибарите“ во трката за шампионската титула.
Мате е задоволен од досегашниот престој во Охрид, а посебно го истакнува довербата што ја добива од стручниот штаб.
„Охрид е навистина убаво место, градот е прекрасен, а за мене ова е нов проект. Тренерот Борис Ројевиќ ми кажа дека сака да ме врати на највисоко ниво, таму каде што бев претходно. Ми дава многу минути и голема доверба. Засега мислам дека сè оди многу добро и се надевам дека ќе продолжам да играм како во првите два-три месеци“, открива унгарскиот ракометар.
По настапите во Норвешка, Мате мораше да се приспособи на поинаков стил на работа и ракометна култура. Тој објаснува дека разликите најмногу ги почувствувал во начинот на кој се организираат тренинзите, но и во атмосферата на трибините.
„Навивачите веројатно се најголемата разлика меѓу Скандинавија и Балканот. Овде има многу повеќе страст. Навивачите го живеат секој момент од натпреварот и тоа навистина ми се допаѓа“, вели Мате.
Охрид оваа сезона има високи амбиции, а Мате не крие дека целта е екипата да обезбеди што подобра позиција пред почетокот на плеј-офот и да се вмеша во битката за трофејот.
„Секој бод е важен, бидејќи бодовите се пренесуваат во плеј-офот. Сакаме да освоиме што повеќе бодови и да се позиционираме добро. Целта ни е да завршиме на првото или второто место и да се бориме за титулата. Сепак, пред нас има уште долг пат и многу важни натпревари“, истакнува десниот бек.
Кога станува збор за главните конкуренти, Мате смета дека четирите водечки екипи имаат свои шанси, но во моментов Вардар 1961 можеби е во мала предност пред охриѓани.
„Во овој момент можеби Вардар 1961 е малку пред нас, но тоа не значи дека не можеме да го победиме. Мислам дека сите четири екипи, вклучувајќи го и Алкалоид, можат да се борат за титулата оваа сезона. Никогаш не се знае што може да се случи. Веројатно сè ќе се решава во мај, така што пред нас има уште многу време и натпревари“, заклучи Мате.
Унгарскиот репрезентативец сега се обидува да ја искористи шансата што ја доби во Охрид и да му помогне на клубот да направи уште еден чекор напред. По освојувањето на ЕХФ Купот, охриѓани имаат нова цел, напад на домашните трофеи.





