Мартин Велковски се сели од шампионот кај вицешампионот!

Откако заврши прославата на титулата во Битола, ракометарите кои се на истек на договорот се збогуваа со шампионот на Македонија. Клубот на церемонијата во неделата им се заблагодари на шестмина кои го носеа дресот на битолчани оваа сезона, како и на Бојан Маџовски, кој во текот на сезоната 2022/23 беше член на Еурофарм Пелистер.

Извесно е дека средината ќе ја сменат тројца македонски ракометари. Ако Ојлески и Кукоски се пред потпис со Охрид, во сосема друг правец ќе тргне Мартин Велковски. Десниот бек ги договори сите услови со Алкалоид и од таборот на шампионот, ќе премине кај вицешампионот. Велковски ја залечи повредата и имаше повремени настапи во вториот дел на сезоната. Во Алкалоид ќе соработува со селекторот Кирил Лазаров и ќе ја зголеми конкуренцијата на позицијата десен бек, каде веќе се Мартин Серафимов и Давид Савревски. 

Велковски во Битола мина четири сезона, по периодот во Металург, и освои една шампионска титула и два Суперкупа на Македонија. Со Еурофарм Пелистер играше уште четири финалиња на Купот, еден Ф4 на СЕХА лигата и две осминафиналиња на Европската лига на ЕХФ.

Алкалоид, кој ќе игра во групната фаза на Европската лига, ќе се засили со Арно Бинго од Бенфика, а договорот го продолжи со искусниот голман Благојче Трајкоски