• Иван Димовски
Македонскиот голман Мартин Томовски по само една сезона заминува од редовите на бундеслигашот Потсдам. Интернационалецот вторпат во кариерата бранеше во најсилната германска лига, а иако во последно време влезе во добра форма разделбата беше неминовна.
Германскиот клуб потврди дека Томовски е еден од петте ракометари кои на крајот на сезоната заминуваат. Освен нашиот голман од Потсдам заинуваат Сергеј Горпишин, Оле Шрам, Емил Хансон и Марк Ферјан.
„Со Томовски беше јасно, тој се приклучи на тимот за настапите во Бундеслигата, а многу веројатно ќе испаднеме. Неговите последни перформанси покажаа дека може да даде многу“, објасни директорот за спорт Боб Ханинг.
Потсдам е практично веќе прежален во Бундеслигата и го чека релегација, а Томовски заминува од клубот и ќе има нов предизвик во кариерата. Македонецот ќе треба да одлучи во кој правец ќе се движи, дали ќе се врати во домашното првенство или пак ќе побара нов интернационален предизвик.
„Морам да кажам дека уживам во Потсдам, иако ми беше потребно малку повеќе време да ја пронајдам формата. Јас сум еден од најискусните и највозрасни во овој млад тим, а ова беше позитивно искуство за мене. Запознав одлични луѓе и големи професионалци. Ќе дадам максимум во последните месеци во клубот“, прокоментира Томовски.
27-годишникот во кариерата бранеше за Металург од каде направи трансфер во Бундеслигата. По две години во Лудвигсхафен следуваше кам-бек во Суперлигата и настапи за Вардар и блесок на Томовски кој пак му обезбеди бундеслигашки клуб.