Марковски: Време е да се испише историја, верувам во оваа репрезентација!

Gol.mk на СП ракомет 2018 во Хрватска

Ракометната репрезентација на Македонија денес ги започнува настапите од втората групна фаза на Европското првенство во Хрватска. Нашите момци одиграа три одлични натпревари во Загреб, кои будат надеж кај македонската јавност дека оваа генерација е зрела да го направи најголемиот успех во нашата историја. 

Такво мислење дели и некогашниот репрезентативец, Иван Марковски, кој за нашиот медиум истакна дека верува во оваа генерација предводена од Раул Гонзалез и дека сега е моментот да се направи голем успех. 

„Македонија одигра одлична прва фаза и докажа дека може да се носи со големите репрезентации. Раул на најдобар можен начин ги користи квалитетите на репрезентативците и неговата смиреност и визија е нашиот адут и за оваа втора фаза. Сега без голем притисок треба да се насочиме кон следните противници (Шпанија, Данска и Чешка), кои имаат различен квалитет, повеќе или помалку атрактивни, сериозни, но не и непобедливи. Јас верувам во оваа репрезентација и во остварувањето на нашиот најголем успех досега“, за Gol.mk изјави некогашното крило на Македонија.

Вечерва, Марковски заедно со некогашните репрезентативни колеги, Бранислав Ангеловски и Томче Петрески од трибините во Вараждин ќе ја бодри Македонија, која од 20.30 часот ќе ѝ се спротистави на големата Шпанија.