• Саше Љолес

Црногорскиот ракометар и репрезентативец на Катар, Жарко Марковиќ, беше искрен после натпреварот со Македонија и за Gol.mk изјави дека неговата селекција била наттрчана од младите ракометари на Кирил Лазаров.
Македонија славеше со 39-34, а поранешниот ракометар на Металург изјави дека Катарците не можеле соодветно да одговорат после исцрпувачкиот натпревар против Холандија.
„Честитки за Македонија и овие млади ракометари. Имавме доста проблеми во организацијата и се мачевме со нивната брзина. Ние сме највозрасна селекција на турнирот и мислам дека тоа беше очигледно на овој меч.
Имавме тежок и исцрпувачки дуел со Холанѓаните и затоа денес не го пронајдовме вистинскиот ритам. Знам дека во Македонија се игра квалитетен ракомет и не сум зачуден од изданието на репрезентацијата“, изјави Марковиќ.
Катар остана последнопласиран на табелата во втората група од главната фаза, без ниту еден освоен бод, додека Македонија стигна до четири бода и теоретски шанси за пласман во четвртфиналето.