Марковиќ: Чест е да се води Македонија, верувам во заеднички успеси

Новиот селектор на женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија, Игор Марковиќ, ги сподели првите впечатоци по преземањето на националниот тим.

Марковиќ, кој на селекторската функција го наследува Кристијан Грчевски, истакна дека за него претставува голема чест да ја добие довербата да ја предводи Македонија, а најави напорна работа во пресрет на следните предизвици.

„Чест и големо задоволство ми е што ја добив довербата да бидам селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија. Се надевам дека со посветена работа, максимална пожртвуваност и заеднички труд ќе успееме од ден на ден да бидеме сè подобри.

Пред нас е Европското првенство, а претходно нè очекува подготвителен период во кој ќе работиме напорно за да изградиме силен тим. Верувам во добра соработка, добро здравје на сите ракометарки и заеднички успеси со кои достојно ќе ја претставуваме Македонија“, изјави Марковиќ.

Новиот предводник на македонските ракометарки во следниот период ќе има задача да го воигра тимот и да го подготви за настапот на Европското првенство, кое ќе биде првиот голем предизвик во неговиот мандат.