Марко Вујин по седум години го напушти Кил

По седум години минати во „Шпаркасе Арена“ во дресот на Кил, српскиот интернационалец Марко Вујин ја напушти северна Германија на истек на договорот. Леворакиот 35-годишен десен бек заминува на голема врата со трофеи од Купот на ЕХФ и Купот на Германија, а „зебрите“ по едногодишна пауза пак ќе играат во Лигата на шампионите.

Ракометарот со број 41 доби овации во мај кога го одигра последниот натпревар, а клубот на официјалната веб страници на српски јазик му се заблагодари на десниот бек. Српскиот репрезентативец во Кил дојде од Веспрем и ги освои сите можни трофеи во дресот на германскиот гигант со Гисласон на клупата.

Со репрезентацијата на Србија, Вујин стана европски вицешампион на домашен терен во 2012 година.

Неизвесно е дали и каде Вујин ќе ја продолжи кариерата, а Кил од новата сезона ќе го води чешкиот тренер Филип Јиха.