Македонската репрезентативка Марија Штериова, во следната сезона ќе има нов предизвик. По една година мината во составот на Дунареа Браила, каде одигра одлични натпревари и неколку пати беше во тимот на колото, Штериова заминува во Баја Маре.
Станува збор за клуб каде своевремено играше и Елена Ѓорѓиевска, но кој пред две години прогласи банкрот. По двете сезони минати во пониските конкуренции, овој тим се враќа на голема врата во најквалитетната конкуренција и сака да врати барем дел од старата слава. За потсетување во овој тим играа Ардеан, Унгуреану, Херем, Аренхарт, До Насименто...
Штериова потекнува од Еуростандард, а во Македонија играше и за Жито Прилеп, Кометал ЃП и Вардар, додека во странство беше дел од унгарските Вац и Фехервар, норвешката Волда и турскиот Кастамону.