Маратонот на битолчани продолжува, пелистерци се надеваат на чудо во Магдебург

Залетаниот Магдебург ќе биде домаќин на Еурофарм Пелистер во реваншот од осминафиналето во Европската лига.

Желбата на битолчани, кои на овој меч ќе бидат без првиот тренер Жељко Бабиќ поради коронавирус, е да го поправат впечатокот од првиот натпревар. И покрај сите најави за борба и парирање на бундеслигашот, пелистерци загубија во Битола на убедлив начин и се пред елиминација од натпреварувањето.

Противникот од Германија се наоѓа во фантастична серија без пораз. Со победа на денешната средба, Магдебург ќе го израмни апсолутниот рекорд во својата историја кој гласи 22 официјални натпревари без горчината на поразот. Можност за подигнување на границата ќе има на следниот меч во домашното првенство, кога ќе одигра дерби против Флензбург.

Густиот распоред уште повеќе ја отежни работата на македонскиот претставник. На двата најважни натпревари во досегашниот дел од сезоната ракометарите на Еурофарм Пелистер може да се каже дека потфрлија. По дебаклот против Магдебург, добија голем удар во домашниот шампионат кога без големи проблеми загубија на гости кај вечниот ривал Вардар.

Сигурно дека Магдебург ќе ротира и ќе им даде шанса на играчите со помала минутажа. Тоа нема да биде изненадување, со оглед на високата предност, па таму се гледа евентуалната шанса на битолскиот клуб за достојно претставување на овој реванш.

Второто соочување на овие две екипи е закажано за денес со почеток од 18:45 часот.