• Горан Упале
По две успешни сезони во Еурофарм Пелистер и три во Татабања, хрватскиот репрезентативец Матео Мараш реализира трансфер од соништата и ова лето го засили тимот на Пари Сен Жермен.
По синоќешната средба меѓу францускиот и македонскиот шампион, Мараш се наврати на убавите денови минати во дресот на Пелистер. Тој откри дека му фалат тие пријатели и најави дека еден ден сигурно ќе се врати во Битола.
„Oдигравме многу тежок натпревар. Очекувавме дека ќе биде вака, бидејќи Еурофарм Пелистер во последно време игра многу убаво, многу квалитетно со новиот тренер и новите играчи. Нема во ростерот повеќе дел од моите соиграчи и другари, посебно Костески и Кукуловски, но видов познати лица и среќен сум што играв против моите стари пријатели. Се надевам дека еден ден ќе се вратам во Битола и верувам дека уште луѓето ме сакаат. Сè ми е ново тука во Париз. Полека се навикнувам, ова е голем град. Од Битола да се стигне до Париз беше долг пат. Ми се допаѓа тука, но убаво беше и на Широк сокак. Животот таму беше многу одличен и сигурно ќе се вратам“, рече хрватскиот бек.
На средбата во Париз победа извојува домашниот тим со 33-27.






