Мараш: Не покажавме најдобар ракомет, но секоја чест за пелистерци

Ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа нерешени 34-34 против ПСЖ во последниот домашен меч од групната фаза на Лигата на шампионите. Повратник во Битола беше младиот хрватски бек Матео Мараш, кому и публиката му скандираше. 

<<< - ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Еднаш пелистерец, секогаш пелистерец – овации за Мараш во Битола!

Хрватот по натпреварот нагласи дека парижани не одиграле на најдоброто ниво, а ги пофали битолчани.

„Се вратив во градот во кој играв две години. Многу го сакам овој клуб, јас сакам Битола и му посакувам многу среќа. Овој натпревар беше тежок за нас, не го одигравме нашиот најдобар меч, секоја чест за Еурофарм Пелистер и битолчани што се издигнаа до реми. Го следам македонскиот ракомет и од Париз. Секако дека го следам Еурофарм Пелистер и се надевам дека ќе го добие дербито со Вардар 1961 кое следи“, изјави Мараш.

Во последното коло од елитното натпреварување пелистерци ѝ гостуваат на Барселона.