• Горан Упале

Хрватскиот ракометар Матео Мараш, најави дека по завршувањето на актуелната сезона би можел да ја промени клупската средина и да го напушти Пари Сен Жермен. Во интервју за „Спорт Клуб“ некогашниот ас на Еурофарм Пелистер зборуваше за својата улога во францускиот гигант, конкуренцијата со Омар Јахија, но и за иднината на ракометот и промените што би сакал да ги види во овој спорт.
Мараш смета дека ракометот би станал поатрактивен доколку се укине играта „седум на шест“, која според него го забавува темпото и ја намалува динамиката на натпреварите.
„Би ја укинал играта седум на шест. Ракометот денес е брз и убав спорт, треба да уживаме во одличните играчи и атракцијата. Сметам дека со укинувањето на ова правило популарноста на ракометот дополнително би се зголемила“, порача Мараш.
Тој предложи и поголема употреба на видео-технологијата, по примерот на тенисот, како и воведување можност тренерите да бараат проверка на судиските одлуки.
Говорејќи за својата ситуација во ПСЖ, Мараш истакна дека е задоволен од досегашниот престој, но дека сака да има поголема минутажа и да продолжи да напредува.
„Мојата улога е помала од онаа на Јахија, но добро се надополнуваме. ПСЖ ми даде многу и тука учам секојдневно, но веројатно ќе има промена на клубот. Сакам да играм повеќе и да напредувам“, откри хрватскиот бек.
Мараш потврди дека веќе има интерес од други клубови, но сè уште нема донесено конечна одлука за следната дестинација. Хрватскиот репрезентативец две сезони го носеше дресот на Еурофарм Пелистер, каде што остави одличен впечаток со своите настапи, пред да направи трансфер во Татабања.
