• Мартин Танасковски

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков повторно заигра ракомет. По осум месеци ја надмина повредата на лигаментите и се врати во дресот на Веспрем во дуелот против Алборг во Лигата на шампионите.
Крилото постигна еден погодок и учествуваше во триумфот на својот тим со кој се отворија вратите кон Ф4-турнирот во ракометната елита. Вели дека е среќен затоа што по 202 дена повторно го прави она кое го сака.
„По 202 дена можам да кажам дека конечно се вратив. Ги уживав првите минути на теренот. Среќен сум што помогнав на тимот во победата. Имав долг пат со многу работа и посветеност, но успеавме. Благодарност до Марија Лојаница за одличната работа, исто и на физиотерапевтите Немања Вучиќ и Димитар Маневски затоа што беа со мене секојдневно“, истакна Манасков.
Веспрем обезбеди седум гола предност од првиот домашен меч со данскиот првак и се очекува да има добар реванш на гостински терен.