Манасков со 3/3, реми во дербито на Кил и Веспрем

Веспрем ја продолжи серијата без пораз во Лигата на шампионите. Унгарскиот првак одигра реми на тешкото гостување кај Кил (31-31) и уште еднаш покажа зошто го сметаат како еден од фаворитите за Ф4-турнирот и највисок дострел.

Дуелот беше вистинско уживање за ракометните фанатици, а Веспрем се спаси од пораз со гол на Вуко Борозан на скоро минута и пол пред крајот. Потоа и двата тима имаа напади, ама останаа без реализација.

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков имаше сигурен ден со три гола од три обиди, а најефикасен кај Веспрем беше Ненадиќ со пет гола, пред Борозан, Јахја и Нилсон со по четири гола. Кај Кил, Сагосен беше одличен со девет гола, пред Екберг со седум.

Во вториот денешен меч, Мотор победи минимално кај Целје (31-32) благодарение на погодокот на Козакевич пред самиот крај. Пуховски беше најдобар кај украинскиот тим со шест гола, додека кај словенечкиот првак не помогнаа седумте гола на Новак.