• Зоран Мишевски

Македонското репрезентативно крило Дејан Манасков денес се збогува со унгарскиот гигант Веспрем и на крајот на договорот слободен е да ја избере својата нова средина. Манасков одамна најави дека не останува во унгарскиот шампионат и не се враќа во македонската Суперлига. Пред репрезентативецот е нов предизвик, бидејќи по играњето во Германија и Унгарија блиску е до можноста да заигра и во Франција.
Манасков е во завршни преговори со францускиот прволигаш Ним, дознава Gol.mk. Поранешниот ас на Металург и Вардар 1961 е една од желбите на тренерот Љубомир Врањеш, кој од следната сезона ќе го води тимот од јужна Франција. Договорот е пред реализација и се очекува наскоро ракометарот да отпатува во Франција на потпис и презентација. Во претходните две сезони на оваа позиција во Ним играше легендата на францускиот и светскиот ракомет Мишел Гигу, кој пред две недели означи крај на својата успешна професионална кариера.
Ним е амбициозен тим, кој две години по ред игра во групната фаза и стигнува најмалку до осминафиналето на Европската лига на ЕХФ. Сезоната која што заврши овој клуб одигра два натпревари против Еурофарм Пелистер и запиша две победи во рамките од групната фаза на Европската лига.
Клубот има високи аспирации, стабилен буџет и Манасков перфектно се вклопува во мозаикот и амбициите на „зелените“ од Ним.