Манасков постигна два гола, Веспрем лесно се справи со Алборг

Ракометарите на Веспрем во рамките на 6. коло во Лигата на шампионите ја запишаа и петтата победа, откако на домашен терен го совладаа тимот на Алборг со 30-24 (16-10). За Унгарците нашиот Дејан Манасков на денешниот натпревар успеа да постигне два гола од три обиди.

Гостите од Данска на денешниот натпревар беа целосно надиграни и освен почетните 1-1, во ниту еден момент немаа позитивен резултат на денешниот натпревар. Веспрем на полувреме имаше предност од 16-10, која во вториот дел само рутински ја чуваше за конечна победа од 30-24.

Најефикасен во тимот на Веспрем беше Лекаи со 7 гола, а дури пет ракометари на унгарскиот тим запишаа по три гола. Кај Алборг Јенсен запиша највисоки шест погодоци.

Кил славеше важна победа на гостински терен против Мешков Брест со 24-25, иако на полувреме имаше негатива од 14-12. Најзаслужен за победата на Германците беше Марко Вујин со 6 гола.