• Зоран Мишевски

Крилата на мечот против Франција функционираа фантастично и надеж во нив имаме и за утрешниот меч против Полска. Дејан Манасков е наш голем адут и на поставена противничка одбрана и при полуконтри и контри. Тој открива што донело скаутирањето на противникот од мечот со Србија синоќа.
„Одбраната е клучот за секој успех. Точно е дека „пукаше“ полската одбрана на мечот со Србија, но тоа не значи дека така ќе биде и утре. Српските бекови влегуваа централно и постигнаа многу голови во текот на мечот, а со тоа можеби ни покажаа и како треба да играме. Но, утре е друг меч, ние сме подготвени за цел турнир и ќе се обидеме да играме наша игра, наша одбрана, наш напад и да не калкулираме. Во овој момент чувствуваме голема мотивација за утрешниот натпревар“, вели Дејан Манасков.
На вчерашниот меч против Франција, Дејан Манасков беше стрелец на пет гола, некои од нив спектакуларни. Само така да продолжи во текот на турнирот и неговиот квалитет најдобро ќе го почувствуваат и полските дефанзивци.