Манасков непогрешлив, Вардар пресилен за променливиот Охрид

Ракометарите на Вардар 1961 ја запишаа и дванаесеттата победа во исто толку натпревари и само уште две ги делат до перфектен прв дел од сезоната во групата А на Суперлигата. „Црвено-црните“ попладнево во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ го совлада Охрид со 32-25 (19-14) , во дуел во кој водеа од првата до последната минута.

  • Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Охрид: 

По израмнетите пет минути на стартот, се разиграа бековите Талески и Моралес, а посебно ефективен беше Дејан Манасков и на половина полувреме веќе беше 10-5. Следеше реакција на момците на Андоновски и голови во серија на Озтурк и Бојаниќ за 15-11 во 25. минута. Со ефектни голови од двете страни првиот дел заврши со предност на скопјани со 19-14. 

Домашната екипа започна подобро и во вториот дел, двапати погоди и Карапалевски, а продолжи и серијата на Куни Моралес. Цејовиќ им се приклучи на Озтурк и Бојаниќ и Охриф намали на -4 во 42. минута. Сепак, се разигра Талески и тимот на Владо Неданоски без проблеми го приведе натпреварот кон крај за победа од 32-25.

Најефикасни кај Вардар 1961 беа Манасков со осум и Талески и Моралес со по шест гола, додека кај Охрид се издвоија Озтурк и Бојаниќ со по осум погодоци. Без разлика на исходот во последните две кола шампионот ќе заврши на првото место и ќе пренесе три бода во плеј-офот, исто како и Еурофарм Пелистер од групата Б.