Манасков: Не го потценивме Загреб, тешко ни беше пак да играме без публика

Македонското крило, Дејан Манасков дојде до нов трофеј со Веспрем, откако унгарскиот тим пак ја освои СЕХА лигата. Во финалето против ППД Загреб, големиот фаворит сериозно се измачи, иако се предвидуваше лесна задача.

По натпреварот, својот став во разговор за „Balkan-handball“ го изнесе Манасков кој смета дека играњето пред празни трибини влијаело на нивната игра. 

„Најбитно е што го освоивме трофејот. Можеби не го одигравме најдобро финалниот натпревар, имавме падови особено во вториот дел. Му дозволивме на ППД Загреб да се врати, а на крајот ни се „насмевна“ и среќата. Најважно е што ја освоивме титулата. Не го потценивме ривалот, тешко е да се игра вака. Пак се вративме пред празни трибини, иако во Веспрем играме со навивачи. Малку се навикнавме на тоа, а сега беше празно и можеби и тоа влијаеше. Спор беше натпреварот, немавме шанси да трчаме многу. 

ППД Загреб беше добар противник, победивме на крајот и задоволни сме. Има уште десетина дена до стартот на сезоната. Мора да бидеме подобри, бидејќи во Лигата на шампионите имаме тешка група“, смета Манасков. 

Во финалната пресметка, Манасков постигна два погодоци од четири обиди. Сепак, тој беше дел од најдобрата акција на дуелот, бидејќи реализираше по атрактивна асистенција од Петар Ненадиќ.