Манасков: Мора да знаеме што правиме, Висла игра многу агресивна одбрана!

Ракометарот на Еурофарм Пелистер, Дејан Манасков, го најави натпреварот против Висла Плок во Лигата на шампионите, истакнувајќи на прес-конференцијата дека тимот посакува добар резултат од тешкиот предизвик. 

Пелистерци ќе ја бараат својата трета победа во овогодинешното елитно натпреварување, но мисијата секако нема да биде лесна, со оглед на противникот што ќе допатува во Битола. 

„После подолго време се враќаме во Лигата на шампионите. Пред нас е еден многу тежок натпревар, во специфичен момент за екипата. Имаме нов тренер, но се трудиме да бидеме максимално подготвени за предизвикот.

Работиме на усовршување на деталите за кои сметаме дека можат да го одлучат натпреварот и се надеваме дека можеме да победиме пред нашите навивачи. 

Висла игра многу агресивно во одбраната, нивните халфови излегуваат многу високо, затоа ќе мораме да имаме брз проток на топката и солиден напад во простор без топка.

Ако дозволиме да прават многу фаули и прекини на играта, мислам дека ќе биде доста тешко за нас. Мораме да имаме одлична дефанзива и да знаеме што сакаме во нападот“, изјави Манасков. 

Висла Плок е третопласирана во групата Б, со 12 бодови на своето салдо. Еурофарм Пелистер ќе го пречека полскиот тим во салата „Боро Чурлески“ на 19 февруари во 20:45 часот.