• Сашо Поповски

По поразот во минатото коло кај Мешков Брест, екипата на Рајн Некар Левен им се врати на победите во ЛШ. Во четвртото коло, германската екипа на домашен терен го совлада шведски Кристијанштад со 30-29 (17-13). Нашиот Дејан Манасков беше стартер и го заврши натпреварот со три гола.
Гостите подобро отворија и го имаа водството до 10. минута (8-9), кога започна да се буди домашната екипа. Расположениот Андре Шмит ја носеше екипата во текот на целото прво полувреме, за на пауза домашните ракометари да заминат со пристојни +4 (17-13).
Второто полувреме беше изедначено до 45. минута, кога Рајн Некар започна да го нанесува завршниот удар за конечна победа. Нашиот Дејан Манасков врза два погодоци по ред и ја однесе предноста за својата екипа на +6, на десет минути до крајот. Гостите направија уште еден обид да стигнат барем до бод, но сепак германскиот шампион денес беше на нивото потребно за победа.
Најефикасен на натпреварот беше Андре Шмит со 8 гола, а Хералд Рејнкајнд додаде 5. Кај гостите Џери Толбинг постигна 5 погодоци.