Манасков: Ми беше тешко да ги гледам соиграчите против Вардар, едвај го чекам мечот со ПСЖ

Еурофарм Пелистер по победата над Вардар на отворањето на овосезонскиот плеј-оф во Суперлигата, веќе в среда е пред нов предизвик, но овој пат во Лигата на шампионите. Во Битола гостува еден од најдобрите светски тимови, Пари Сен Жермен.

Зимава, шампионот се засили со две имиња, од кои еден е добропознат на македонската јавност. Дејан Манасков по настапите во Металург и Вардар ќе го облече дресот и на Пелистер. Искусното крило поради суспензија не настапи со Вардар, но ќе му се стави на располагање на Бранислав Ангеловски за средбата со францускиот гигант.

„Помина доста време откако не сум на терените и едвај чекам да започне натпреварот против ПСЖ. Мотивиран сум, за тоа не треба да се разговара. Чест ми е што по една година пауза повторно ќе настапам во Лигата на шампионите. Доволно сме спремни и имаме добар моментум по последната победа против Вардар и очекувам добар натпревар. 

ПСЖ повторно е меѓу петте најдобри екипи во Европа. Имаат изграден систем, кој неколку години го играат. Доволно знаеме каков стил негува Раул. Имаат добри поединци, им ја препуштаме фаворитската улога, но нема лесно да ја продадеме кожата. Ќе дадеме максимум пред нашата публика и имаме добри шанси да изненадиме на преостанатите натпревари. Можеби тие се малку уморни по Европското првенство и свежината е на наша страна. Видовме што беше добро на првиот натпревар во Париз. Тоа што беше лошо ќе го корегираме и в среда ќе бидеме подготвени. Ги знаеме имињата и медалите кои ги освоиле ракометарите на ПСЖ. Но, на теренот победува тој кој повеќе ја посакува победата. Одиме без респект. Зошто да не се надеваме, треба да веруваме во нас, во тоа што го работиме и имаме реални шанси за изненадување“, вели Манасков.

Искусното крило од трибините го следеше натпреварот против Вардар 1961, заради стара казна, и откри како се чувствувал.

„Секогаш е најтешко на трибини да гледаш, а знаеш дека не можеш да им помогнеш на своите колеги. Некогаш и емоциите те понесуваат, сакаш да скокнеш в терен во некои моменти. Атмосферата беше прекрасна, одигравме одличен натпревар и тој почетен притисок го отргнавме. Во Лигата на шампионите го немаме тој притисок и се надевам дека некого ќе изненадиме. А во македонското првенство одиме понатаму до зацртаните цели“, заврши Манасков.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ПСЖ е закажан за в среда, со почеток од 18:45 часот.