Манасков дебитира, големиот ПСЖ гостува во Битола!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе го пречека најбогатиот клуб во светот. Пролетниот дел од сезоната во Лигата на шампионите битолчани ќе го отворат против моќниот ПСЖ, во рамки од 11. коло од групата Б во елитата на ЕХФ.

Македонскиот шампион во одличен моментум го пречекува големиот фаворит. Пред четири дена во Битола, пред полна сала и одлична атмосфера, падна лутиот ривал Вардар во првиот натпревар од плеј-офот. Пеколно се очекува да биде и вечерва. Салата „Боро Чурлевски“ повторно е распродадена, па ѕвездите на ПСЖ предводени од Раул Гонзалез ќе можат во живо да го почувствуваат она за што говори цела Европа, кога Еурофарм Пелистер има на свој терен.

Пелистерци со позитивни вибрации ќе го пречекаат вечерашното соочување се големиот фаворит, а она што ги радува битолчани и тренерот Ангеловски е фактот што во тимот за првпат ќе биде нашето најдобро лево крило и ракометар со огромно искуство во ЛШ, Дејан Манасков. Популарниот Деки во Битола пристигна пред неколку седмици, но поради суспензија не смееше да настапи против Вардар во саботата, па затоа своето деби во зелено-белиот дрес ќе го има во ЛШ и тоа против моќниот ПСЖ. За разлика од Манасков, второто зимско засилување на пелистерци, Појлакот Матеуж Пиеховски сè уште нема дозвола за настап.

Јасно е дека улогата на фаворит оди кај гостинскиот тим. ПСЖ не блеска оваа сезона во ЛШ, но сепак се работи за тим составен од големи шампиони, на чело со Никола Карабатиќ, кој ја игра својата последна сезона во кариерата. Французите по десет кола се на четвртата позиција на табелата со 11 бода, додека Пелистер е последен без ниту еден освоен бод. 

Натпреварот во Битола започнува од 18:45 часот.