Манасков даде 12 гола без промашување, Веспрем „гази“ сè пред себе сезонава

Успешно го завршија минатото издание на СЕХА лигата, максимално започнаа во Лигата на шампионите, а редат победи и во националниот шампионат. Ракометарите на Веспрем следно и убедоливо славеа на гостувањето кај Ѓенѓеш со 25-35.

Екипата која го елиминира нашиот Бутел во квалификациите на Европската лига не беше рамноправен противник и мораше да го „положи оружјето“. Иако ротираше во споредба со тимот кој го совлада Целје Пивоварна Лашко, тимот на Дејвис дојде до осмата победа по ред во домашниот шампионат.

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков постигна 12 голови од 12 обиди и беше најдобар поединец на натпреварот. На 14 официјални натпревари Веспрем има исто толку победи и впечаток е дека и оваа сезона е подготвен да игра за сите можни трофеи. 

Манасков за десетина дена треба да се јави на прозивката на Данило Брестовац за двата натпревари од квалификациите за Европското првенство во 2022 година.