• Иван Димовски
Еурофарм Пелистер и официјално го претстави Мохамед Мамдух Шебиб. Египетскиот кружен напаѓач доаѓа од Кувајт, а во својата кариера има многу европски настапи и трофеј во Лигата на шампионите со Монпелје во 2018 година.
Шебиб пристигна во Битола на потпис на договорот. Тој веќе позираше и со дресот на македонскиот првак, а ги сподели и своите први импресии по доаѓањето.
„Во тимот има многу ракометари со кои сакав да играме, има многу легенди, многу ракометари кои играле во големи клубови во Лигата на шампионите и македонски репрезентативци против кои играв во националниот тим. Македонците се слични како нас, сакаат сонце, сакаат слободен свет и баш тоа го затекнав тука. Во Египет имаме одлични навивачи, но така е и овде и едвај чекам да заиграм во Битола и да ја почувствувам атмосферата и поддршката.
Малку е потешка ситуацијата во која се наоѓаме по поразите минатата недела. Ја разбирам, но како играч барам поддршка од сите да излеземе од овој период и да отпочнеме нова победничка серија. Зборував со Карим Хендави, тој е како брат за мене. Зборував и со Калифа Гедбан, Суси, Хосни и ми кажаа дека ќе уживам во ракометот тука“, изјави Шебиб.
Еѓипќанецот во својот ракометен пат беше дел од повеќе европски клубови, играше и во Африка и Азија, а зад себе има и богата репрезентативна кариера. 35-годишниот Мохамед Мамдух Шебиб ќе биде регистриран за следните предизвици на Еурофарм Пелистер во Суперлигата и Лигата на шампионите.