Малус: Срце и глад решаваат финалиња, освоивме трофеј – ама не запираме!

Ракометниот клуб Вардар 1961 го освои осумнаесеттиот трофеј во Купот на Македонија, откако во финалето беше подобар од Охрид (23-24). „Црвено-црните“ на крајот имаа повеќе нерви во драмата, а тоа резултира со првиот трофеј во сезоната. 

По натпреварот анализа на одиграното направи Јака Малус. Словенечкиот бек блесна на завршниот турнир од Купот и со 17 гола беше најдобар стрелец и МВП.

„Финале како финале, секогаш е многу тешко. Има тактика, има се, ама на крај одлучува срцето. Кој е погладен и помирен на крај ќе победи. Честитки до Охрид за една многу добра и моќна претстава. Секако, честитки и до моите соиграчи, без нив немаше да го освојам МВП признанието. Ова е плод на целогодишна работа, ама нема да застанеме тука. Имаме уште месец и половина до крајот на сезоната, уште две цели да ги исполниме. Најважната цел е трофејот да се врати во Скопје, а втората е фајнал-фор на Лигата на Европа. 

Тешко е да се освоуваат трофеи, сите шеесет минути и физички и психички. Знаевме како ќе биде, а тука се гледа која е вистинска екипа. Во тешките мигови се гледа сплотеноста, нема глава доле. Играме наша игра шеесет минути, ништо не менуваме како цела сезона и тоа носи резултати. Ќе продолжиме во ист стил до крајот на сезоната, а и во иднина“, изјави Малус.

Вардарци не запираат тука, чекорат сигурно кон враќање на титулата во Скопје, а во Европската лига на ЕХФ ќе играат четвртфинале против Монпелје.